• недела, 19 април 2026

Експедиција откри повеќе од 100 потенцијално нови видови на подводните планини кај Чиле

Експедиција откри повеќе од 100 потенцијално нови видови на подводните планини кај Чиле

Лос Анџелес, 15 април 2026 (МИА) - Истражувачи од американскиот Институт „Шмид“ неодамна открија 100 потенцијално нови морски видови, како и неколку големи нови подводни планини и возвишенија, во длабокото море кај брегот на оваа јужноамериканска земја.

Фотографиите и видеата од подморскиот пејзаж, исто така, покажуваат многу други новитети од длабокото море, вклучувајќи тука и сложени сунѓери, спирални корали, бисерен јастог, бизарна група издолжени морски ежови, како и светлоцрвената „морска жаба“ со перки налик раце. Меѓу 8 јануари и 11 февруари, истражувачите и истражувачкиот брод на Институтот го истражуваа морското дно. Научната експедиција, насловена „Подводните планини на југоисточниот Пацифик“ се сосредоточи на подморските планини во три главни области - гребените Наска и Салас, и Гомез - синџири составени од повеќе од 200 морски возвишенија коишто заедно се протегаат на 2.900 километри - од Чиле до Велигденскиот Остров, како и морските паркови Хуан Фернандез и Наска-Десвентурадас.

Вкупно, истражувачите мапираа околу 52.800 квадратни километри од океанот, а овие нови, многу подробни мапи открија четири претходно непознати, „осамени“ морски планини, се вели. Најголемата од нив, којашто тимот ја нарече Солито (на шпански: „сам“ - во деминутив) - се издига 3.530 метри над морското дно, што го прави четирипати повисок од највисоката зграда во светот - „Бурџ Калифа, висока 828 метри.

Истражувачкиот тим, исто така, користеше подводен робот за да ги истражи потопените падини на десет морски планини низ целата област на проучување.

- Далеку ги надминавме нашите надежи за оваа експедиција!, рече Хавиер Селанес, морски биолог на Универзитетот на Северот во Чиле и водечки научник на експедицијата, истакнувајќи дека секогаш очекувате да пронајдете нови видови во овие оддалечени и слабо истражени области. - Но, количината што ја пронајдовме овојпат е неверојатна!, додаде тој.

Истражувачите, според „Лајв сајенс“, зеле примероци од новопронајдените суштества и сега ќе почнат да го проучуваат секое од нив за да утврдат дали станува збор за новооткриен вид.

- Целосната идентификација на видот може да потрае и многу години, рече Јотика Вирмани, извршен директор на експедицијата.

Истражувачите забележуваат дека повеќето видови живеат во ранливи живеалишта, како што се коралите во ладни води и градините со сунѓери, коишто се многу подложни на оштетување од човековото влијание. Новите видови во парковите Хуан Фернандез и Наска-Десвентурадас се законски заштитени од овие закани. Сепак, подморските планини по гребените Наска и Салас, и Гомез се незаштитени. Истражувачите се, просто, воодушевени од количината на биодиверзитет забележан во експедицијата. Ова истражувачко патување е последното во низата експедиции на Институтот за мапирање на подморските планини во југоисточниот Тихи Океан последниве години. Истиот Институт претходно мапираше уште четири огромни подморски планини крај брегот на Чиле и Перу, како и уште еден изолиран врв, лани, кај брегот на Гватемала.  си/ссм/

Фото: Јутјуб.

Остани поврзан